По долг период на рехабилитација и ветеринарна грижа, 15 пингвини се вратени во природата на брегот на Аргентина.
За нивното закрепнување се грижеле волонтери од фондацијата „Морски свет“ (Mundo Marino) во Сан Клементе дел Тују.
Групата се состоела од 13 Магеланови пингвини и две единки од критично загрозениот јужен карпест пингвин. Птиците биле пронајдени во лоша состојба долж крајбрежјето на провинцијата Буенос Аирес, со симптоми на тешка дехидрација, неухранетост, хипотермија и паразити. Некои од нив имале повреди од рибарски мрежи, а еден бил нападнат од куче, додека друг бил контаминиран со нафта.
Биолозите објаснуваат дека пингвините биле пуштени заедно бидејќи се социјални животни кои природно се движат и мигрираат во групи. Ослободувањето е направено во период кој се совпаѓа со нивната сезонска миграција, што им овозможува полесно прилагодување и враќање во природниот ритам на животот.










