Телата на 14 мигранти биле пронајдени откако шпанската поморска спасувачка служба пресретнала чамец со околу 100 лица во близина на Канарските Острови. Станува збор за нова трагедија на една од најопасните миграциски рути кон шпанската територија.
Според информациите што ги пренесе шпанската новинска агенција ЕФЕ, шест лица биле во тешка здравствена состојба и итно биле пренесени во болница со хеликоптер.
Чамецот бил забележан на околу 39 наутички милји, односно приближно 72 километри јужно од островот Ел Хиеро. Потоа бил пренасочен кон пристаништето Ла Естака.
Од вкупниот број преживеани, 84 мигранти биле префрлени во пристаништето Ла Рестинга, каде што се наоѓаат прифатен центар за мигранти и болница.
Регионалниот лидер бара итна реакција
По новата трагедија се огласи и регионалниот лидер Фернандо Клавихо, кој во објава на социјалната мрежа Икс изрази болка и чувство на немоќ поради случувањата.
Тој побара реакција од шпанската влада и Европската комисија, нагласувајќи дека хуманитарната криза не започнува на островот Ел Хиеро, туку на бреговите на Сенегал и Гамбија, каде што, според него, мора да се преземат мерки.
Сè повеќе мигранти пристигнуваат на Канарските Острови
Пристигнувањата на мигранти на Канарските Острови се интензивирале од октомври, а на 25 ноември бил забележан рекорден дневен број од околу 2.100 пристигнати лица. Најголемиот дел од нив пристигнале на островот Ел Хиеро, кој има околу 11.400 жители.
Илјадници мигранти секоја година се обидуваат да го преминат Атлантскиот Океан со мали чамци, надевајќи се дека ќе стигнат до шпанска територија. Патувањето е особено опасно поради разбрануваното море и силните морски струи, а бројот на пристигнувања традиционално се зголемува во есенските месеци.








