Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ги посети учениците од средното полициско училиште, кои ги добија своите нови униформи, а присуствуваше и на церемонијата со спуштање на државното знаме, со која учениците ја завршија работната недела.


Тошковски имаше можност да разговара со средношколците и да присуствува на нивниот заеднички ручек, при што, како што истакна во објавата на социјалните мрежи, бил импресиониран од нивниот ентузијазам, посветеност и сериозниот пристап кон образованието.
Во рамки на посетата, министерот се сретна и со кандидатите за полициски службеници од последниот конкурс, кои успешно го завршиле првиот модул од основната обука. Пред нив сега претстои практична настава во Секторот за внатрешни работи Скопје.

Тошковски порача дека носењето полициска униформа претставува чест, но пред сè и голема одговорност. Според него, уште од почетокот на образованието и обуката е важно да се градат генерации кои ќе ги почитуваат принципите на интегритет, дисциплина, професионалност и однос кон секој граѓанин.

Тој изрази гордост од младите кои се определиле за оваа професија, посочувајќи дека токму во нив ја гледа иднината на македонската полиција.











