ПРВ.мк
Свет

ТРАГИЧЕН ИНЦИДЕНТ: Авион усмрти пешак на пистата на познат аеродром - кој го направил пропустот?

ТРАГИЧЕН ИНЦИДЕНТ: Авион усмрти пешак на пистата на познат аеродром - кој го направил пропустот?

Вистинска драма се одвивала доцна вечерта на аеродромот во Денвер, кога авион на компанијата „Фронтиер ерлајнс“ при подготовка за полетување удрил во лице кое се наоѓало на пистата, по што дошло до трагичен смртен исход, пожар на моторот и итна евакуација на стотици патници.

Според информациите на светските медиуми, авионот од типот „ербас А321“, во кој се наоѓале 224 патници и седум членови на екипажот, започнал со забрзување за лет кон Лос Анџелес кога се случил ужасниот инцидент.

Официјални извори потврдиле дека лицето, кое засега од непознати причини се движело по пистата без дозвола, било усмртено откако било вовлечено во еден од моторите на авионот.

Пилотите веднаш реагирале и го прекинале полетувањето, но ситуацијата дополнително се влошила кога моторот се запалил, а чад почнал да навлегува во кабината.

Патниците биле евакуирани преку тобогани за итни случаи во драматична спасувачка акција, додека противпожарните екипи брзо интервенирале за да го изгаснат пожарот.

На аудио снимка од контролата на летот, објавена од специјализирани медиуми, се слуша вознемирениот повик од пилотската кабина: „Кула, удривме некого... имаме пожар на моторот“.

Од авиокомпанијата соопштиле дека се длабоко потресени од трагедијата и нагласиле дека целосно соработуваат со истражните органи.

Во самиот авион, според досегашните информации, едно лице се здобило со полесни повреди, додека останатите патници биле безбедно извлечени.

Федералната управа за воздухопловство и Националниот одбор за безбедност на сообраќајот започнаа обемна истрага за тоа како неовластено лице успеало да се најде на активна писта токму во момент кога авионот полетувал, што отвора сериозни прашања за безбедносните протоколи на аеродромот.