Унгарскиот премиер Виктор Орбан јавно порача дека Унгарија нема никаков интерес Украина да доживее колапс, предупредувајќи дека такво сценарио би претставувало сериозна закана и директен проблем за неговата земја.
„Колапсот на Украина би бил сериозен проблем за Унгарија. Затоа тоа не е само украинско прашање, туку прашање од суштинско значење и за нас. Мора да се постигне исклучителен договор за да се спречи ваков развој на настаните“, изјави Орбан, нагласувајќи дека стабилноста на соседната држава е од клучно значење за унгарските национални интереси.
Тој посочи дека Унгарија е директно поврзана со Украина преку енергетскиот систем и дека од таму се снабдува со електрична енергија и природен гас, што дополнително ја зголемува важноста на стабилноста во регионот.
Орбан остро оцени дека продолжувањето на војната секојдневно ја ослабува Украина и дека, според него, мирот е единствениот фактор што може да ја зајакне земјата.
„Војната ја слабее Украина од ден на ден. Мирот е единственото нешто што може да ѝ даде сила. Секој што навистина сака да ја поддржи Украина, треба да се стреми кон мир и тоа веднаш“, порача унгарскиот премиер.
Во своите изјави, Орбан повторно ја критикуваше Европската Унија, посочувајќи дека заемот што ЕУ го одобри за Украина е, како што рече, „исклучително лоша одлука“ и дека станува збор за „залудно потрошени пари“ кои нема да донесат трајно решение.
Дополнително, унгарскиот премиер изрази и сомнежи во официјалната верзија за почетокот на војната, алудирајќи дека постојат отворени прашања околу тоа дали Русија ја нападнала Украина, став кој често предизвикува остри реакции од европските и западните партнери.
Изјавите на Орбан повторно ја потврдуваат специфичната позиција на Унгарија во однос на војната во Украина, како и нејзиниот повик за итен прекин на конфликтот и постигнување мир преку преговори.
















