Австралискиот малопродажен синџир JB Hi-Fi се најде под истрага на надлежните регулаторни институции поради начинот на кој биле прикажувани попустите на одредени производи.
Според наодите на Австралиската комисија за конкуренција и заштита на потрошувачите (ACCC), кај дел од производите биле истакнувани „стара“ и „нова“ цена, при што претходната цена не секогаш ја одразувала реалната продажна вредност на производот. Во некои случаи таа важела многу краток период или била прикажана на начин што можел да создаде впечаток за поголем попуст од вистинскиот.
Регулаторот утврдил дека ваквата практика можела да ги доведе купувачите во заблуда и да ги наведе да веруваат дека добиваат значително поголема заштеда.
Случајот опфатил околу 200 купувачи и 17 производи, меѓу кои лаптопи, гејмерски монитори и VR уреди.
По спроведената истрага, компанијата се согласи да им врати повеќе од 250.000 австралиски долари на засегнатите купувачи.
Од JB Hi-Fi соопштија дека спорните случаи биле резултат на комбинација од човечки и системски грешки. Компанијата посочува дека целосно соработува со регулаторните власти и дека веќе започнал процес на контактирање и обештетување на потрошувачите.
Случајот повторно ја отвори дебатата за транспарентноста на попустите и промотивните акции, при што експертите советуваат граѓаните внимателно да ги следат претходните цени на производите и да бидат претпазливи кон навидум големите попусти, бидејќи понекогаш разликата меѓу вистинска заштеда и маркетиншки трик може да биде многу мала.








