Патниците низ Европската Унија наскоро би можеле да добијат значително повеќе права и подобра заштита при патувања со авион, откако земјите членки постигнаа договор за голема реформа на правилата во авио-сообраќајот.
Новите прописи носат големи промени – од рачен багаж, преку доцнења на летови, па сè до компензации и правила за семејства со деца.
Според договорот, во основната цена на билетот задолжително ќе бидат вклучени мала лична торба што се сместува под седиштето и рачен куфер на тркала. Патниците, сепак, ќе имаат можност да изберат поевтин билет ако се откажат од рачниот багаж.
Една од најголемите промени се однесува на семејствата и лицата со попреченост. Авиокомпаниите повеќе нема да смеат да наплаќаат дополнително за седење на родители покрај нивните деца под 14 години, како и за лица со попреченост и нивните придружници.
Новите правила предвидуваат и значително повисоки компензации. Во случај на доцнење од најмалку три часа или откажан лет, патниците ќе имаат право на надоместок од 250 до 600 евра, во зависност од должината на летот.
За подолги релации над 3.500 километри, компензацијата може да достигне и 600 евра, особено ако доцнењето надмине четири часа или летот биде откажан.
Реформата носи и поедноставени процедури за барање обештетување, како и попрецизно дефинирани ситуации во кои авиокомпаниите нема да бидат обврзани да плаќаат компензација. Техничките дефекти на авионите повеќе нема автоматски да се сметаат како оправдан изговор за избегнување на исплата.
Новите правила се сметаат за една од најголемите промени во правата на патниците во последните години и треба да стапат во примена по конечното одобрување од Европскиот парламент.







