На конференцијата на католичката младина во Индијанаполис, каде присуствуваа околу 15.000 млади Американци, папата Лав се обрати преку видеоврска од Ватикан, истакнувајќи дека вештачката интелигенција (AI) станува значаен дел од современиот свет, но треба да се користи одговорно и како помошно средство за учење.
„Користете ја вештачката интелигенција на начин што ќе ви помогне да растете. Но, не барајте од неа да ви ги пишува домашните задачи,“ порача папата, потсетувајќи дека личниот труд и посветеност остануваат незаменливи.
Папата Лав, кој пред шест месеци стана првиот Американец на чело на Католичката црква, речиси 40 минути одговараше на прашањата на младите за верата, пријателството и тоа како да создаваат заедница во училиштата.
Исто така, Лав се осврна и на политичките прашања, потенцирајќи дека христијаните треба да бидат „луѓе кои градат мостови, а не ѕидови“ и предупреди дека Црквата не припаѓа на ниту една политичка партија. „Нејзината улога е да ви помогне да ја оформите вашата совест за да можете да мислите и да дејствувате со мудрост и љубов,“ подвлече папата.
















