ПРВ.мк
Македонија

Возачот Љури кој го усмрти Југо се обидува да ја намали казната - ова е патот по кој што мисли дека ќе се спаси

Возачот Љури кој го усмрти Југо се обидува да ја намали казната - ова е патот по кој што мисли дека ќе се спаси
Kristal

Во Основниот кривичен суд Скопје денеска се одржа ново рочиште против 25-годишниот Фатон Љури, обвинет дека на 1 јули управувајќи мотор „Кавасаки“ без возачка дозвола, помина преку пешачка патека на кејот на Вардар, го прегази 68-годишниот Југослав Николовски и го напушти местото на несреќата.

Јавната обвинителка побара од Судот да ги одбие доказите што ги предложила одбраната, нагласувајќи дека тие не се релевантни за утврдување на санкцијата. Таа подвлече дека личните и семејните прилики на обвинетиот се познати, но не можат да влијаат врз утврдувањето на тежината на делото, ниту врз фактичката состојба која веќе е јасно утврдена со признанието на вина од страна на Љури.

Обвинителството посочи дека психијатриското вештачење за партнерката на обвинетиот не е релевантно, а дополнителното сообраќајно вештачење се обидува да сугерира околности што не одговараат на веќе утврдените факти.

Адвокатот на Љури, Гоце Ристески, образложи дека доказите што ги поднел се однесуваат на висината на казната и на личните, семејните и имотно-правните прилики на обвинетиот, и не се поврзани со основата на делото.

По расправата, Судот делумно го прифати барањето на обвинителството: дел од доказите на одбраната беа прифатени, но други, вклучувајќи го и техничкиот извештај, беа одбиени. Судот ќе одлучи за нивната важност при изрекување на пресудата.

На рочиштето сведочеше и сопругата на починатиот, Јасминка Николовска, која ја опиша длабоката тага и последиците што трагедијата ги оставила врз семејството, особено бидејќи истиот ден дознале дека нивната ќерка е бремена.

По судењето, ќерката на Николовски, Маја Бошковска, истакна дека семејството очекува најстрога казна за, како што рече, „безобѕирното и опасно управување“ на Љури.

Фатон Љури се товари за тешки дела против безбедноста во сообраќајот и за неукажување помош на повредено лице. Судскиот процес продолжува.

Escape