Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати до граѓаните со видео-порака во која ја опиша моменталната состојба како една од најтешките од почетокот на конфликтот. Тој нагласи дека Киев се наоѓа под екстремен политички и дипломатски притисок од САД и дека во наредните недели ќе мора да се носат исклучително тешки и одговорни одлуки.
„Украина можеби ќе мора да направи исклучително тежок избор: или да го изгуби достоинството, или да ризикува да изгуби клучен партнер. Или тежок план од 28 точки, или најсурова зима со дополнителни ризици“, истакна Зеленски, нагласувајќи дека станува збор за ситуација без преседан.
Претседателот подвлече дека притисокот врз Украина во овој момент е еден од најсилните досега, но дека Киев ќе продолжи да соработува со САД за наоѓање конструктивни решенија. „Ќе убедувам, ќе понудам алтернативи, но нема да му дадеме на непријателот причина да тврди дека Украина не е подготвена за мир“, додаде Зеленски.
Тој ги повика политичките и општествените структури на обединување, предупредувајќи дека меѓусебните конфликти само ја ослабуваат државата. „Мора да се собереме како еден. Не смееме да заборавиме кој е вистинскиот непријател“, подвлече Зеленски.
Претседателот предупреди дека следната недела ќе биде исклучително тешка, со засилен политички и информативен притисок насочен кон создавање поделби и дестабилизација.
„Тогаш не ја предадовме Украина, и нема да ја предадеме ниту сега. Народот е со мене“, заклучи Зеленски, упатувајќи порака на единство и решителност во предизвикувачките моменти.
















