Kазнено-поправната установа Идризово, најголемиот затвор во Северна Македонија, отвори посебно детско катче наменето за децата и младите посетители на осудени лица. Катчето се наоѓа во просторијата за посети и е дизајнирано како безбедна, топла и пријатна средина за време на семејните посети.
Отворањето беше извршено во присуство на претставници на надлежните институции, Делегацијата на Европската Унија и Советот на Европа. Во обраќањето, Бен Нупнау, заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, потенцираше дека ова е важен чекор кон подобрување на условите во затворите, во согласност со последниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија.
– Подобрувањето на условите во затворите не е само препорака од Европската Комисија – тоа е обврска на државата кон секое лице што влегува во овие простории, вклучувајќи ги и децата. Ова детско катче е мал, но значаен чекор кон похуман систем, каде се штити достоинството и се олеснуваат семејните посети. Се надеваме дека ќе поттикне постојани напори за зголемување на стандардите во сите пенитенцијарни установи, истакна Нупнау.
Катчето е опремено со играчки, масички за активности, боенки и мек мебел, со цел да им овозможи на децата безбедна средина за игра и учење додека го поминуваат времето со своите родители. Овој проект ја следи практиката на модерните европски пенитенцијарни системи, каде семејните посети и хуманото однесување се клучни за ресоцијализацијата на осудените лица.
















