Апелацискиот суд во Белград ја поништи првостепената пресуда со која Владимир и Милјана Кецмановиќ беа осудени поради наводно занемарување и злоупотреба на малолетно лице и нареди случајот да се врати на повторно судење.
Со поништената пресуда, на Владимир претходно му беше изречена единствена казна од 14 и пол години затвор за кривичните дела „Занемарување и злоупотреба на дете“ и „Тешко дело против општата безбедност“, додека на Милјана ѝ беше определена казна од 3 години затвор за „Занемарување и злоупотреба на малолетно лице“. Инструкторот по стрелање, Немања Маринковиќ, доби првостепена казна од 15 месеци за давање лажен исказ.
Апелацискиот суд го потврди ослободителниот дел кон мајката во одредени сегменти, но донесе измени: на инструкторот му ја намали казната за три месеци и ја замени со куќен притвор од една година. За таткото Владимир, судот го продолжи притворот — тој е во притвор од 3 мај 2023 година, додека Милјана ќе се брани од слобода.
Во образложението, Апелацијата наведува дека првостепената пресуда содржи битни кршења на процесните одредби: причините за пресудата се нејасни, а во делот за изрекување на казната има контрадикторности. Поради тоа, првостепениот суд е задолжен при повторното судење темелно и јасно да ги утврди сите клучни факти, да ги разгледа и оцени поединечно и заедно сите приложени докази, да процени дали се исполнети елементите на обвиненијата и да даде целосно и недвосмислено образложение за донесените заклучоци.
Случајот е поврзан со настанот од 1 мај 2023 година во основното училиште „Владислав Рибникар“, кога синoт на Владимир и Милјана, Коста Кецмановиќ, тогаш ненаполнети 14 години, изврши масовно вооружено злосторство и уби 10 лица и повреди 5 други. Поради возраста, тој не е кривично одговорен; оружјето што беше употребено припаѓало на неговиот татко.
Главниот јавен обвинител при Вишото јавно обвинителство, Ненад Стефановиќ, изјави дека Обвинителството очекува повторените постапки да бидат ефикасно спроведени и дека ќе инсистира првостепениот суд да ги отстрани укажаните недостатоци и да побара изрекување на максимални казни доколку доказите го потврдат тоа.
















