ПРВ.мк
Македонија

Пристигна пресудата за гинекологот Асани за случајот со родилката од Дебар - еве колкава казна доби

Пристигна пресудата за гинекологот Асани за случајот со родилката од Дебар - еве колкава казна доби
Kristal

Судот во Струга пресуди дека гинекологот Мухамед Асани е виновен за пропусти при постоперативното следење на родилката Јилдиз Веапоска од Дебар, поради што таа ненужно изгуби матка, јајник и бубрег. Асани доби три години ефективна затворска казна и пет години забрана за вршење професија, дејност или должност.

Вториот обвинет, неговиот син Блертон Асани, кој тогаш бил специјализант по гинекологија, и третата обвинета, докторката Лилјана Јованоска, беа ослободени од вина.

Судечкиот судија Јордан Јованов нагласи дека основната одговорност лежи кај Мухамед Асани, поради недостаток на соодветна дијагностика и ехо при постоперативното следење. Според судот, и покрај влошената здравствена состојба на родилката, Асани не презел потребни дејствија, што довело до хеморагичен шок и отстранување на три здрави органи.

– „Постоперативното следење требало да се изврши веднаш по царскиот рез, а во текот на четирите постоперативни денови не беа преземени методи за дијагностика кои навремено би го откриле изворот на крварењето,“ истакна судијата Јованов.

Оштетената Јилдиз Веапоска изрази задоволство од казната за првообвинетиот, но изрази разочараност што второобвинетиот Блертон Асани беше ослободен, истакнувајќи дека како специјализант „се учел врз неа“ при изведување на царскиот рез.

Бранителот на Веапоска, Сашо Јанев, оцени дека максималната затворска казна покажува дека правосудниот систем во земјата полека се опоравува.

Процесот против тројцата лекари траеше околу три години и три пати почнуваше од почеток поради менување на судечки судии, што го одложуваше исходот на случајот.

Escape