Според податоците од Банката на Грција, приходите од туризмот за периодот јануари–септември 2025 година се зголемени за девет отсто во споредба со истиот период лани, достигнувајќи 20,1 милијарди евра. Истовремено, бројот на туристи што ја посетиле земјата се зголемил за четири проценти, достигнувајќи 31,6 милиони посетители.
Банката на Грција го потенцира зголемувањето на приходите од туристи од земјите на Европската Унија за 5,6 проценти, додека приходите од посетители од останатите земји се зголемени за 12,7 проценти. Патничкиот сообраќај, преку аеродромите и копнените гранични премини, бележи пораст од 4,3 отсто, при што 18,89 милиони патници дошле од ЕУ, а 12,7 милиони од останатите земји.
Министерката за туризам, Олга Кефалојани, истакна дека зголемувањето на туризмот е резултат на стратешко планирање и соработка, со цел да се инвестира во „одржлив, отпорен, конкурентен и корисен туризам што создава можности за сите граѓани“. Таа додаде дека квалитетниот туризам овозможува развој на бизнисите, инвестиции, нови работни места и рамномерен развој на локалните заедници, со повратна корист за целото општество.
Минатата година, 2024, беше рекордна за грчкиот туризам со речиси 36 милиони туристи и приходи од 21,7 милијарди евра, а се очекува дека 2025 година ќе донесе нов историски рекорд за земјата.
















