Унгарската влада се спротивстави на можноста на територијата на земјата да биде изградено складиште за нафтени деривати наменето за Украина, откако унгарската енергетска компанија МОЛ и украински „Нафтогас“ потпишаа меморандум за соработка.
Премиерот Петер Маѓар во унгарскиот парламент порача дека проектот нема да биде реализиран додека неговата влада е на власт. Според него, разговорите меѓу МОЛ и украинската компанија биле започнати без претходна согласност од владата.
Меморандумот беше потпишан на 20 септември, за време на самитот „Карпатска осумка“. Според официјалното соопштение на „Нафтогас“, планот предвидувал развој на капацитети за складирање на нафтени производи во Унгарија, во близина на границата со Украина, кои би се користеле за потребите на украинскиот пазар.
Маѓар посочил и дека унгарската држава поседува 25 проценти од МОЛ и дека очекува компанијата соодветно да го зема предвид ставот на државата при вакви значајни проекти.
Од МОЛ, пак, објасниле дека проектот сè уште бил во многу рана фаза и дека евентуалната реализација би барала повеќегодишни технички, финансиски и регулаторни подготовки.
Според Маѓар, разговорите со „Нафтогас“ биле започнати уште за време на претходната влада на Виктор Орбан.









