Украинскиот претседател Володимир Зеленски донесе изненадувачка и драматична одлука – му го одзеде државјанството на градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов, и го стави градот под воена администрација, објави германската агенција ДПА.
Одлуката доаѓа по серија несогласувања меѓу централната власт и локалното раководство на овој стратешки пристанишен град на Црното Море, кој има над еден милион жители.
Според официјалните информации, Зеленски го образложил потегот со тоа што Труханов поседувал руски пасош, што е спротивно на украинските закони, бидејќи државните функционери не смеат да имаат двојно државјанство.
Труханов, кој е на функцијата градоначалник од 2014 година, ги негира обвинувањата и најави дека ќе поднесе тужба против одлуката, со намера да ја продолжи својата работа како градски лидер.
Меѓутоа, губењето на државјанството автоматски го дисквалификува од функцијата и потенцијално може да доведе и до депортација.
Во кратката изјава по одлуката, Зеленски рече дека во Одеса „предолго се толерирале нерешени безбедносни прашања“, без да наведе дополнителни детали.
Минатата недела украинскиот претседател ги обвини локалните власти во Одеса дека не презеле доволно мерки за заштита на граѓаните при поплавите во кои загинаа десет лица.
Украинската разузнавачка служба SBU објави дека поседува докази за руски пасош на Труханов, па дури и фотокопија од документот споделена на Телеграм.
Со воспоставување на воена администрација, Зеленски добива директна контрола врз Одеса, еден од најважните градови во земјата, кој има клучна улога и во економијата и во безбедноста на Украина.