ПРВ.мк
Свет

СПАСУВАЧКИТЕ ЕКИПИ НЕ СЕ ОТКАЖУВААТ: Бројот на загинати во Индонезија се зголеми - еве по колку се трага!

СПАСУВАЧКИТЕ ЕКИПИ НЕ СЕ ОТКАЖУВААТ: Бројот на загинати во Индонезија се зголеми - еве по колку се трага!

Бројот на загинати во силниот земјотрес што ја погоди индонезиската покраина Источна Нуса Тенгара се искачи на 51 лице, соопштија индонезиските спасувачки служби.

Според последните информации, околу 130 лица се повредени, а голем дел од нив се здобиле со скршеници. Поради последиците од земјотресот, околу 5.000 жители биле евакуирани, додека повеќе патишта останале блокирани поради свлечишта.

Спасувачките екипи и натаму трагаат по луѓе за кои постои сомнеж дека се заробени под урнатините. Денеска биле пронајдени уште три тела, со што бројот на жртвите дополнително се зголемил.

Индонезиските власти веќе започнале со доставување храна и друга хуманитарна помош до најпогодените подрачја. Предвидено е да бидат распределени вкупно 50.000 пакети со храна, додека 10.500 пакети веќе биле доставени во близина на Џакарта.

Епицентарот на земјотресот бил на островот Флорес, на длабочина од околу 10 километри, според податоците на Американскиот геолошки завод. По главниот потрес следувале силни последователни земјотреси, од кои најсилните биле со магнитуда од 6,1 и 5,9 степени.

Последиците се сериозни и на инфраструктурата. Според индонезиските власти, оштетени се најмалку 346 станбени објекти, од кои речиси половина претрпеле тешки оштетувања. Пријавена е штета и на повеќе од 100 училишта, здравствени установи, административни објекти и храмови.

Спасувачките тимови морале дополнително да расчистуваат патишта за да стигнат до некои од најпогодените села, додека проценката на материјалната штета и потрагата по преживеани продолжуваат.

Индонезија се наоѓа во таканаречениот „Огнен прстен“, еден од најактивните сеизмички појаси во светот, поради што земјата често е погодена од силни земјотреси.