ПРВ.мк
Свет

НЕВЕРОЈАТЕН ДОГОВОР ВО ЕВРОПА - Естонија ќе прима стотици затвореници од оваа европска држава!

НЕВЕРОЈАТЕН ДОГОВОР ВО ЕВРОПА - Естонија ќе прима стотици затвореници од оваа европска држава!

Шведска се соочува со сериозен недостиг од затворски капацитети, па по необичен договор со Естонија, дел од нејзините осуденици ќе бидат испратени на издржување казна во друга држава.

Според договорот вреден 600 милиони евра, Шведска ќе користи 400 ќелии во затворот во Тарту, каде што во наредните недели треба да бидат сместени до 600 шведски затвореници.

Договорот е од корист за двете страни. Шведска ќе го намали притисокот врз сопствениот затворски систем и проблемот со пренатрупаноста, додека Естонија ќе добива значителни приходи од користењето на капацитети кои досега не биле целосно искористени.

Пред пристигнувањето на шведските затвореници, естонските осуденици кои биле сместени во Тарту биле префрлени во други затвори. Дел од ќелиите, пак, биле целосно приспособени според барањата и стандардите на Шведска.

Естонија, која има околу 1,3 милиони жители, се наоѓа во необична ситуација – има повеќе затворски капацитети отколку што ѝ се потребни, за разлика од Шведска и Велика Британија, кои се соочуваат со недостиг од места.

Интересно е што слична можност претходно разгледувала и Велика Британија. Разговорите меѓу Лондон и Талин започнале уште за време на претходната конзервативна влада, но Велика Британија на крајот се откажала од планот.

Естонската министерка за правда Лиса Пакоста изјавила дека доколку британските преговори продолжеле, можно било и британски затвореници денес да бидат сместени во Естонија. Сепак, според неа, Талин сега нема да склучува нов ваков договор бидејќи веќе има договор со Шведска.

Затворот во Тарту има и необична историја. Во него претходно биле сместени осуденици за воени злосторства од војните во поранешна Југославија, меѓу кои Милан Мартиќ, Милан Лукиќ и Драгомир Милошевиќ. Тие биле префрлени во други естонски затвори за да се ослободат места за шведските осуденици.

Ќелиите биле приспособени според шведските стандарди, а во нив биле поставени телевизори, слушалки и други предмети. Во договорот има и необичен детал – затворскиот персонал треба шведските осуденици да ги нарекува „клиенти“ наместо „затвореници“, како дел од пристапот насочен кон похуман третман.

За Естонија, пак, договорот доаѓа во период кога државата издвојува значителни средства за одбраната поради безбедносните ризици поврзани со Русија, па дополнителните приходи од шведскиот затворски систем се гледаат како значаен финансиски бенефит.