Американски воен авион Ф-16 се урна во воздухопловната база Шпангдалем во западна Германија, а според првичните информации, едно лице е повредено.
По несреќата веднаш биле активирани сите надлежни служби, а екипи за итни интервенции биле испратени во базата, која се наоѓа на околу 160 километри западно од Франкфурт, во близина на границата со Луксембург.
Локалните власти од округот Битбург-Прим засега не соопштуваат повеќе детали за околностите под кои дошло до падот на авионот.

Ниту американската војска веднаш по инцидентот не објавила официјални информации за причината за несреќата.
Воздухопловната база Шпангдалем е една од позначајните американски воени бази во Европа и е дом на ескадрила борбени авиони Ф-16. Во базата се стационирани околу 20 авиони кои учествуваат во поддршка на операциите на американското воено воздухопловство и НАТО.
На истото подрачје и претходно се случила несреќа со Ф-16. Во октомври 2019 година американски борбен авион се урна во близина на базата за време на рутински тренажен лет, при што пилотот успеал навреме да се катапултира.
Причините за денешната несреќа допрва треба да бидат утврдени.









