ПРВ.мк
Свет

Русија тргна по член на семејството Кенеди: Издаден налог за апсење поради Украина

Русија тргна по член на семејството Кенеди: Издаден налог за апсење поради Украина

Руски суд издаде налог за апсење на Конор Кенеди, синот на американскиот секретар за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор, поради неговото учество во борбите на страната на Украина. Конор е и внук на Роберт Ф. Кенеди, братот на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди.

Басманскиот окружен суд во Москва на 12 август одобрил негово апсење во отсуство, а Кенеди е ставен и на меѓународна потерница. Руските власти го обвинуваат за платеничка активност поради неговото учество во украинските вооружени сили. Според рускиот кривичен закон, доколку биде осуден, му се заканува затворска казна од седум до десет години.

Кенеди самиот во октомври 2022 година јавно откри дека заминал во Украина и се приклучил на Меѓународната легија, која беше формирана по почетокот на руската инвазија. Тој тогаш напиша дека пред заминувањето немал претходно воено искуство и дека само мал број луѓе знаеле за неговата одлука.

Како што објасни, не сакал неговото семејство и пријателите да се грижат за него, ниту неговото познато презиме да влијае врз начинот на кој ќе биде третиран додека престојува во Украина.

Одлуката на рускиот суд доаѓа речиси четири години откако Кенеди јавно призна дека учествувал во војната. Неговата одбрана ја обжалила одлуката за апсење, но таа била потврдена.