ПРВ.мк
Свет

ТРАМП ГО МЕНУВА СТАВОТ ЗА ИРАН: Наместо мировни преговори, најавува нов приоритет за потпретседателот

ТРАМП ГО МЕНУВА СТАВОТ ЗА ИРАН: Наместо мировни преговори, најавува нов приоритет за потпретседателот

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го промени својот став во однос на Иран, изјавувајќи дека на Соединетите Американски Држави повеќе не им е потребен договор со Техеран.

Неговата порака доаѓа во период кога се разгледуваа можности за обновување на мировните преговори, по осуммесечниот конфликт меѓу двете земји.

„Не ни треба договор со Иран. Тие времиња одамна поминаа. Ги имаме нивните пари, стотици милијарди долари, и го имаме нивниот теснец“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Со оваа изјава американскиот претседател алудираше на Ормутскиот Теснец, една од најважните поморски рути за транспорт на нафта во светот, каде што американските сили настојуваат да обезбедат безбедна пловидба.

Трамп истовремено му наложи на потпретседателот Џеј Ди Венс да го пренасочи своето внимание кон борбата против наводниот криминал и корупцијата во американските градови и сојузни држави управувани од демократите.

Ваквата одлука следува откако „Волстрит журнал“ објави дека Венс размислувал за директни разговори со висок ирански безбедносен функционер, со цел да се постигне напредок во мировниот процес.

Во изминатите недели Трамп испраќаше поинакви сигнали, посочувајќи дека Иран би можел да покаже поголема подготвеност за постигнување договор.

Дополнителни несогласувања се појавија по американските избори, на кои републиканците претрпеа значителни загуби.

Венс претходно оцени дека високите трошоци за војната со Иран придонеле за изборниот пораз на неговата партија.

Трамп, пак, ја бранеше воената интервенција, тврдејќи дека била неопходна за да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје.

Новите изјави ја отвораат дилемата дали Вашингтон целосно се откажува од дипломатско решение или само го засилува притисокот врз Техеран.