Поранешниот извршен директор на фабрика во американската сојузна држава Луизијана, Греам Вокер, стана симбол на редок бизнис-потег кој ги шокираше и финансиските кругови и јавноста. По продажбата на семејната компанија „Фајбребонд“, Вокер директно им подели 240 милиони долари на своите вработени, ставајќи јасен и непреговарачки услов – договор нема да има ако 15 проценти од продажната цена не завршат кај луѓето што ја граделе фирмата со децении.
Гестот ги опфати сите 540 работници во фабриката во градот Минден, а просечниот бонус по вработен изнесува околу 443.000 долари, сума што за многумина значи финансиска слобода и целосна промена на животот. Во мало гратче со околу 12.000 жители, ваквиот прилив на пари создаде економски ефект без преседан.
Продажбата на „Фајбребонд“ за 1,7 милијарди долари на енергетскиот гигант „Итон“ била доведена во прашање до самиот крај. Вокер, кој има 46 години, во интервју за „Волстрит џурнал“ откри дека не прифатил ниту една понуда што не ја вклучувала клаузулата за директна исплата на вработените.
Тој истакнал дека иако работниците формално немале акции, токму тие биле столбот на компанијата во сите тешки периоди. Затоа, според него, бонусите не биле подарок, туку заслужена награда.
Исплатите започнале во јуни, кога вработените добиле запечатени пликови со индивидуалните износи. Реакциите биле емотивни – од неверување до солзи, откако луѓето сфатиле дека не станува збор за шега. Бонусите се распределени како „награди за задржување“ и ќе се исплаќаат во период од пет години, со услов работниците да останат во компанијата. Најдолгогодишните вработени добиле значително повисоки суми од просекот.
Компанијата „Фајбребонд“ ја основал таткото на Греам, Клод Вокер, во 1982 година. Таа произведува заштитни обвивки за електрична и телекомуникациска опрема и има историја полна со драматични моменти. Во 1998 година фабриката целосно изгорела во пожар, но семејството Вокер продолжило да им исплаќа плати на вработените и за време на прекинот на производството, што создало силна лојалност.
Вистинскиот подем на компанијата дошол за време на пандемијата, со експлозијата на побарувачката за центри за податоци и развојот на вештачката интелигенција, што драстично ја зголемило вредноста на фирмата и довело до милијардерскиот договор со „Итон“.
Последиците веќе се чувствуваат во Минден. Локалните власти пријавуваат значителен раст на потрошувачката, отплата на кредити, реновирање на домови и инвестиции што со години биле одложувани.
Греам Вокер ќе се повлече од компанијата на 31 декември. И покрај предупредувањата од финансиските советници дека ваквиот потег може да ја загрози продажбата или да предизвика правни проблеми, тој останал цврст во ставот дека ова е единствениот чесен начин да им се оддаде признание на луѓето кои го создадоа успехот на „Фајбребонд“.
















