Три авиони со жители на градот Олешки, во Херсонскиот регион, пристигнале на аеродромот во Гомељ, Белорусија, како дел од хуманитарна операција за евакуација. Станува збор за лица кои сакаат да го продолжат патувањето и да се вратат во Украина, објави белоруската државна агенција БелТА.
Според информациите, евакуираните првично патувале со автобус до Анапа, од каде што биле префрлени во белорускиот град Гомељ.
На аеродромот ги пречекале претставници на Министерството за вонредни ситуации, медицински екипи и волонтери на Црвениот крст, кои им обезбедиле потребна помош и поддршка.
Посебно внимание било посветено на најмладите патници. За децата биле обезбедени игралишта и можност да гледаат цртани филмови, додека возрасните добиле помош по пристигнувањето.
Евакуираните ќе останат во Гомељ додека не продолжат кон граничниот премин Нова Гута, преку кој треба да влезат на украинска територија.
БЕЛОРУСИЈА СЕ ВКЛУЧИЛА ВО ОПЕРАЦИЈАТА НА 29 ОКТОМВРИ
Белорусија на 29 октомври се приклучила на хуманитарната операција во Олешки. Според БелТА, нејзината улога била да овозможи контакти меѓу претставниците на Русија и Украина, како и да обезбеди помош и безбедност за време на спроведувањето на операцијата.
Жителите на Олешки биле евакуирани во рамките на хуманитарна акција договорена меѓу Киев и Москва, со посредство на Соединетите Американски Држави. По евакуацијата, тие биле прегледани од медицински персонал во Симферопол, на Крим.
Од привремениот сместувачки капацитет информирале дека пристигнатите лица биле медицински прегледани, а потоа им биле обезбедени храна и сместување.
„Пристигнатите жители беа прегледани од медицинскиот персонал. По вечерата, сите беа сместени во соби каде што можеа да се одморат по патувањето“, соопштиле од установата.








