ПРВ.мк
Свет

ПРОДОЛЖУВА СПАСУВАЧКАТА ОПЕРАЦИЈА ПО ЖЕЛЕЗНИЧКАТА НЕСРЕЌА ВО ШПАНИЈА: Пет лица се пронајдени живи - еве колку се водат за исчезнати

ПРОДОЛЖУВА СПАСУВАЧКАТА ОПЕРАЦИЈА ПО ЖЕЛЕЗНИЧКАТА НЕСРЕЌА ВО ШПАНИЈА: Пет лица се пронајдени живи - еве колку се водат за исчезнати

По тешката железничка несреќа во Шпанија, пет лица од вкупно 72 кои претходно биле пријавени како исчезнати се пронајдени живи. Според соопштението на претседателот на регионалната влада на Кастиља-Ла Манча, Емилијано Гарсија-Пахе, од тројцата неодамна лоцирани, двајца се наоѓаат во болница, додека третото лице воопшто не се качило во возот.

Од преостанатите 67 лица кои сè уште се водат како исчезнати, 14 се странски државјани од Аргентина, Австралија, Канада, САД, Франција, Јапонија, Мексико, Чешка, Тунис и Венецуела, пренесува „Ел Мундо“.

Бројот на официјално потврдени загинати засега изнесува 69, но надлежните предупредуваат дека конечната бројка може да биде поголема по завршувањето на ДНК-анализите на пронајдените човечки останки.

Гарсија-Пахе појасни дека бројот на жртвите се темели на податоците што ги потврдиле судските власти и Цивилната гарда. Сепак, тој посочи дека има 70 пријави за исчезнати лица и дека не е исклучена можноста конечниот биланс да надмине 70 загинати.

Дополнителна тешкотија претставува идентификацијата на пронајдените останки. Според информациите соопштени од регионалните власти, има 31 вреќа со делумни човечки останки, а нивното собирање и утврдување на идентитетот е исклучително сложен процес.

Институтот за судска медицина во Толедо и Сиудад Реал досега извршил 65 обдукции на загинатите во несреќата што се случила во средата во Урда, во покраината Толедо.

Досега семејствата биле известени за 12 потврдени идентификации – девет мажи и три жени. Идентификацијата на починатите досега била извршена преку отпечатоци од прсти, постапка што ја спроведува криминалистичката служба на Цивилната гарда.

Во меѓувреме, спасувачките екипи продолжуваат со пребарувањето на местото на несреќата. Во операцијата биле вклучени и четири водичи со службени кучиња, кои повторно го проверувале подрачјето на судирот и вагоните на возот.

Целта на дополнителната проверка е да се осигури дека во остатоците од возот и во зоната на несреќата нема лица кои сè уште не се пронајдени. Спасувачката операција продолжува, додека семејствата чекаат конечни информации за судбината на своите најблиски.

Најнови вести