ПРВ.мк
Балкан

РУСИЈА ВОВЕДУВА НОВИ ПРАВИЛА ЗА ВЛЕЗ ОД 30 ДЕКЕМВРИ! Се укинува досегашниот безвизен режим за овие држави!

РУСИЈА ВОВЕДУВА НОВИ ПРАВИЛА ЗА ВЛЕЗ ОД 30 ДЕКЕМВРИ! Се укинува досегашниот безвизен режим за овие држави!

Државјаните на Црна Гора од 30 декември 2026 година ќе мора да поседуваат виза за патување во Русија. Ова го соопшти руската амбасада во Подгорица, откако црногорските власти најавија воведување визи за руските државјани од 1 ноември, пренесуваат „Вијести“.

Од руската дипломатска мисија порачаа дека Москва ќе ги почитува одредбите од договорот меѓу владите на Русија и Црна Гора за условите за меѓусебно патување на нивните граѓани. Документот бил потпишан на 24 септември 2008 година и го регулирал безвизниот режим меѓу двете држави.

Според објаснувањето на амбасадата, Црна Гора официјално ја известила Русија дека се повлекува од договорот. Со оглед на датумот на доставеното известување, договорот престанува да важи на 30 декември 2026 година.

„Од тој датум државјаните на Црна Гора ќе можат да влезат во Руската Федерација со визи за сите видови пасоши, во согласност со Федералниот закон бр. 114-ФЗ за постапката за излез од Руската Федерација и влез во Руската Федерација од 15 август 1996 година“, се наведува во соопштението на руската амбасада.

Од дипломатското претставништво информираат дека црногорските граѓани деталите за постапката и потребната документација за добивање руска виза ќе можат да ги најдат на официјалната интернет-страница на амбасадата.

Од друга страна, според одлуката на црногорската влада, од 1 ноември визи за влез во Црна Гора ќе им бидат потребни на државјаните на Русија, Белорусија, Турција, Кина и Саудиска Арабија, освен за лицата кои ги исполнуваат условите за ослободување од визна обврска.

Оваа промена е дел од усогласувањето на црногорската визна политика со правилата на Европската Унија, што претставува една од обврските на земјата во процесот на пристапување кон европското семејство.

Владата во Подгорица одлуката ја донела во јули, а нејзината примена започнува на 1 ноември. Со тоа, по долгогодишниот безвизен режим, патувањето меѓу Русија и Црна Гора ќе биде подложено на нови визенски правила во двете насоки.

Најнови вести