Од 1 ноември во Хрватска повторно стапува на сила обврската за користење дневни или кратки светла при возење во текот на денот. Возачите кои нема да го почитуваат ова правило ќе се соочат со парична казна од 30 евра.
Обврската е пропишана со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и ќе важи до 31 март 2027 година, независно од временските услови и видливоста.
Правилото се однесува на возачите на моторни возила, додека мотоциклистите и возачите на мопеди имаат обврска да ги користат кратките светла во текот на целата година. И за нив казната за непочитување на прописот изнесува 30 евра.
Хрватската полиција потсетува и на обврските за велосипедистите и возачите на електрични тротинети. Од првиот самрак до целосното разденување, како и во текот на денот кога видливоста е намалена, тие мора да имаат вклучено бело светло на предниот и црвено светло на задниот дел од возилото.
За непочитување на ова правило е предвидена казна од 60 евра.
Посебно предупредување е упатено и до возачите на автомобили со автоматски систем за дневни светла. Од полицијата советуваат да проверат дали системот ги вклучува и задните светла, бидејќи кај некои модели тие остануваат исклучени дури и кога предните светла се активни.
Дополнително, во услови на намалена видливост, како што се магла и обилен дожд, потребно е користење кратки светла за возачите навреме да ги забележуваат другите учесници во сообраќајот и да бидат подобро видливи.
ОД 15 НОЕМВРИ ПОЧНУВА И ОБВРСКАТА ЗА ЗИМСКА ОПРЕМА
Во Хрватска од 15 ноември започнува и периодот во кој на одредени делници од јавните патишта е задолжителна зимска опрема. Оваа обврска ќе трае до 15 април, без оглед на моменталните временски услови.
Доколку на коловозот има снег или мраз, зимската опрема е задолжителна на сите патишта.
Хрватската полиција апелира до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила, навреме да ја подготват опремата на своите возила и да ги користат светлата за поголема безбедност и подобра видливост во сообраќајот.










