Вкупно 15 прекршувања на правилата за воздушен сообраќај во FIR Атина и 13 нарушувања на грчкиот воздушен простор од страна на турски воени летала биле регистрирани во текот на вчерашниот ден во североисточниот, централниот и југоисточниот дел на Егејското Море.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, сите летала биле идентификувани и пресретнати од грчките воздухопловни сили, согласно меѓународните правила и воспоставената практика.
Според објавените податоци, во инцидентите учествувале вкупно девет летала. Станувало збор за формација составена од два борбени авиони Ф-16, како и уште седум летала кои дејствувале самостојно: еден авион ЦН-235, еден АТР-72 и пет беспилотни летала.
Кај двата вооружени борбени авиони Ф-16 биле евидентирани две прекршувања на правилата за воздушен сообраќај. Другите два авиони, ЦН-235 и АТР-72, предизвикале по едно прекршување.
Најголемиот дел од регистрираните инциденти биле поврзани со петте беспилотни летала. Тие биле одговорни за вкупно 11 прекршувања на правилата за воздушен сообраќај и 13 нарушувања на грчкиот воздушен простор.
За време на случувањата биле забележани и две воздушни конфронтации меѓу грчки и турски воздухопловни средства.
Од грчка страна било соопштено дека турските воени летала биле навремено идентификувани и пресретнати во согласност со меѓународните правила и досегашната практика.







