Египет продолжува да се соочува со сериозни критики поради ограничувањата врз независното новинарство. Најновиот случај ја засега Лина Аталлах, позната египетска новинарка и главна уредничка на независниот медиум „Мада Маср“, која беше ослободена од притвор откако медиумот ја платил изречената парична казна. Во меѓувреме, судот наредил затворање на веб-страницата.
Аталлах била кратко приведена откако суд во Каиро ја осудил за управување со веб-страница без потребната лиценца. Случајот предизвика реакции и загриженост кај меѓународните организации за човекови права и слободата на медиумите.

Според информациите објавени од „Мада Маср“, новинарката била ослободена откако редакцијата уплатила казна од три милиони египетски фунти, односно околу 53.500 американски долари.
Нејзиниот адвокат Хасан ал Азхари за француската новинска агенција АФП изјавил дека при постапката откриле и дека Аталлах во 2024 година била осудена во отсуство на една година затвор, како и на дополнителна парична казна од 20.000 египетски фунти.
Правниот тим на новинарката поднел жалба на пресудата, а новото судско рочиште е закажано за 11 ноември.
НОВИНАРКАТА СО ГОДИНИ Е ИЗЛОЖЕНА НА ПРИТИСОЦИ
Лина Аталлах е основачка на „Мада Маср“, медиум кој го започнала во 2013 година. Меѓународно внимание привлекла уште во 2011 година, за време на Арапската пролет, а како новинарка која се залага за слобода на печатот во повеќе наврати била приведувана.
Судската постапка против неа и наредбата за затворање на медиумот доаѓаат во период на засилени активности против независните редакции во Египет.
Од „Мада Маср“ тврдат дека пред три години поднеле барање за добивање лиценца, но дека од надлежните институции никогаш не добиле одговор.
Во истиот период бил приведен и целиот шестчлен тим на независната платформа за проверка на факти „Матсадааш“. Членовите на тимот се обвинети за припадност кон забранетото Муслиманско братство.
Правниот тим на Аталлах смета дека нејзиното приведување било однапред испланирано. Според нивните наводи, за време на судското појавување судијата ѝ доделил адвокат по службена должност, по што припадници на обезбедувањето ја привеле директно во судницата.
ОРГАНИЗАЦИИТЕ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА СО ОСТРИ РЕАКЦИИ
Случајот предизвика осуди од повеќе меѓународни организации. „Репортери без граници“ ја оценија судската одлука како скандалозна и срамна, барајќи од египетските власти веднаш да ја ослободат новинарката.
Комитетот за заштита на новинарите (CPJ) исто така ја осуди пресудата, додека „Амнести интернешнл“ оцени дека станува збор за тежок удар врз слободата на печатот.
Хосам Бахгат, раководител на Египетската иницијатива за лични права (EIPR), кој присуствувал на судското рочиште, предупреди дека најновите постапки може да означуваат премин од долгогодишно вознемирување на независните медиуми кон обид за целосно уништување на преостанатиот простор за слободно новинарство.
Тој изразил загриженост и дека приведувањето и продолжувањето на притворот на шестмината членови на платформата „Матсадааш“ може да претставуваат почеток на поширок притисок врз независните редакции.
Според него, во изминатата деценија во Египет опстанал ограничен простор во кој неколку медиуми и организации за човекови права успевале да работат, и покрај честите притисоци, вознемирувања и судски постапки.
Од EIPR посочуваат дека последните потези против независните медиуми се случуваат по зачестените изјави на египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси од август, во кои тој зборувал за наводен заговор за дестабилизација на земјата.
Ал Сиси изјавил и дека има намера да остане на власт до 2030 година, со образложение дека сака да го заштити Египет од, како што ги нарекол, „предавници, криминалци и саботери“.
ЕГИПЕТ МЕЃУ ЗЕМЈИТЕ СО НАЈМНОГУ ЗАТВОРЕНИ НОВИНАРИ
Според податоците на Комитетот за заштита на новинарите, во Египет моментално зад решетки се наоѓаат 25 новинари, со што земјата се вбројува меѓу државите со најголем број затворени новинари во светот.
Загриженост изрази и меѓународното здружение на писатели ПЕН интернешнл, кое заедно со неколку десетици организации на граѓанското општество објави заедничко соопштение со осуда на постапките против „Мада Маср“.
Од здружението посочиле дека ова е шести случај покренат против медиумот во изминатите шест години, но првпат постапка од ваква природа да биде испратена на судење.
Во соопштението се наведува дека египетските власти со години применуваат рестриктивни мерки против независните медиуми, со што им ја отежнуваат работата на новинарите и ја ограничуваат слободата на изразување.
Според организациите потписнички, упатувањето на случајот на судење претставува сериозен сигнал дека просторот за независно новинарство во земјата може дополнително да се стесни.







