ПРВ.мк
Свет

КРАЈ НА Е-СКУТЕР РЕВОЛУЦИЈАТА! Европа воведува строги забрани

КРАЈ НА Е-СКУТЕР РЕВОЛУЦИЈАТА! Европа воведува строги забрани

Градските власти во Брисел донесоа одлука да ја забранат употребата на електрични тротинети за изнајмување од 2027 година, со што се приклучуваат на неколку други европски градови кои веќе воведоа слични мерки.

Одлуката е донесена поради зголемен број сообраќајни несреќи, проблеми со неправилно паркирање и нарушување на безбедноста на пешаците и велосипедистите. Според официјалните податоци, само во 2025 година во Брисел биле регистрирани 666 повредени лица во инциденти поврзани со електрични тротинети, што претставува значителен раст во однос на претходната година.

Дополнително, властите посочуваат дека изнајмените тротинети сè почесто биле злоупотребувани и во криминални активности, што дополнително влијаело на одлуката за нивно укинување. Според локалното обвинителство, во дел од случаите тие биле користени и во сериозни инциденти со вооружено насилство.

Договорите со компаниите кои моментално нудат услуга за изнајмување тротинети нема да бидат обновени по истекот на нивниот рок, со што практично ќе се стави крај на овој вид превоз во градот.

Брисел не е единствен град што се одлучува за ваков чекор – Париз, Мадрид и Прага веќе имаат воведено забрани или строги ограничувања за изнајмување електрични тротинети, како дел од поширок тренд на зголемување на безбедноста во урбаните средини.