Голем пожар утринава избувна во Еколошкиот парк Дервени, во близина на Солун, при што огнот зафатил површини со ниска вегетација и предизвикал силна мобилизација на грчките служби.
Во гаснењето се ангажирани околу 50 пожарникари, две специјализирани пешадиски екипи, 12 противпожарни возила и два хеликоптери. Поддршка обезбедуваат и цистерни со вода, механизација од локалните власти, како и тим од 12 пожарникари од Молдавија со три возила.
Поради густиот чад што се шири во околината, надлежните преку системот 112 испратија предупредување до жителите на блиските населби, советувајќи ги да останат во затворени простории и да ги држат прозорците и вратите затворени.
Според досегашните информации, огнената стихија засега не ги загрозува објектите во паркот ниту околните населени места.
Причината за избувнувањето на пожарот сè уште не е утврдена. Истрагата ја спроведува специјализираната единица за истражување пожари во Солун, која треба да ги утврди околностите под кои започнал пожарот.
Инаку, според дневната проценка на опасност од пожари, регионот на Солун денес се наоѓа во зона со висок ризик од избувнување пожари.









