Телевизијата AL Arabiya English објави дека дошла до нацрт-документ кој наводно содржи 14 точки и треба да биде основа за иден договор меѓу САД и Иран. Според објавените информации, документот предвидува серија политички, безбедносни и економски мерки кои би можеле значително да ги променат односите меѓу двете земји и состојбите на Блискиот Исток.
Во документот се наведува дека двете страни, заедно со своите регионални сојузници, би се обврзале на итен и траен прекин на воените дејствија на сите фронтови, вклучувајќи го и Либан. Истовремено, би продолжиле разговорите за конечен мировен договор кој треба да биде финализиран во рок од 60 дена.
Нацртот предвидува и постепено укинување на ограничувањата за иранската економија. Според објавените детали, би се овозможил повторен извоз на иранска нафта и петрохемиски производи, ослободување на замрзнатите финансиски средства и подготовка на пакет за економска обнова на Иран вреден најмалку 300 милијарди долари.
Во делот што се однесува на нуклеарната програма, Иран повторно би потврдил дека нема намера да развива нуклеарно оружје, додека чувствителните прашања поврзани со збогатувањето на ураниум би останале предмет на дополнителни преговори.
Документот предвидува и целосно отворање на Ормутскиот Теснец за меѓународниот бродски сообраќај во рок од 30 дена, што според аналитичарите би можело да придонесе за стабилизирање на енергетските пазари и намалување на притисокот врз цените на нафтата.
Доколку ваков договор навистина биде потпишан, тој би можел да означи почеток на нова фаза во односите меѓу Вашингтон и Техеран и значително да влијае врз безбедносната состојба во регионот.










