ПРВ.мк
Спорт

(ВИДЕО) НЕОБИЧНА КАЗНА ВО ФУДБАЛОТ: Му ја скрши ногата на противникот, па нема да игра додека тој не се врати на терен!

(ВИДЕО) НЕОБИЧНА КАЗНА ВО ФУДБАЛОТ: Му ја скрши ногата на противникот, па нема да игра додека тој не се врати на терен!

Одлука која предизвика големо внимание во фудбалскиот свет беше донесена во Бразил, откако еден играч доби суспензија која не се одредува според бројот на натпревари, туку според времето потребно за опоравување на повредениот противник.

Дефанзивецот на Интернасионал, Виктор Габриел, е казнет поради груб старт врз напаѓачот на Крузеиро, Габриел Пак, при кој противничкиот фудбалер заработил тешка повреда и скршеница на ногата.

Спортскиот суд во Бразил донел одлука според која Габриел нема да може да настапува сè додека Пак целосно не се опорави и не се врати на фудбалските терени.

Оваа санкција предизвика поделени реакции, но голем број фудбалски фанови ја поддржаа идејата, сметајќи дека играчите треба да сносат поголема одговорност за последиците од опасните стартови.

Иако Виктор Габриел изјавил дека немал намера да го повреди противникот, судот оценил дека најважна е последицата од неговиот потег. А последицата е сериозна – Габриел Пак мора да оди на операција и го очекува долг период на рехабилитација пред повторно да може да игра.

Според проценките на медицинскиот тим, опоравувањето би требало да трае неколку месеци, па суспензијата на Габриел најверојатно нема да биде подолга од шест месеци.

Одлуката во Бразил веднаш отвори дебата дали ваквиот принцип треба да стане правило и во другите фудбалски лиги. Поддржувачите сметаат дека ваквите казни би можеле да влијаат врз однесувањето на играчите и да ги намалат опасните стартови, додека критичарите предупредуваат дека секоја повреда зависи од многу фактори и дека казнувањето според периодот на опоравување може да биде комплицирано.

ВИДЕО

Најнови вести