ПРВ.мк
Спорт

(ФОТО) Велес има шампиони! Арка-Борец ја покори конкуренцијата на државното првенство - еве ги резултатите!

(ФОТО) Велес има шампиони! Арка-Борец ја покори конкуренцијата на државното првенство - еве ги резултатите!

ККК „Арка-Борец“ од Велес забележа одличен настап на Државното првенство во кајак спуст, на кое учествуваа околу 50 натпреварувачи во пионерска и сениорска конкуренција, во машка и женска категорија.

Во пионерска женска конкуренција, првото место го освои Михаела Гугинова од „Арка-Борец“, додека Софија Спасиќ го освои третото место. Кај пионерите, целосна доминација на велешкиот клуб – Димитар Драскачев беше прв, Доне Ѓорѓиевски втор, а Петар Делов трет.

Во тимското возење 3×К1 за пионери, победата му припадна на составот на „Арка-Борец“ во кој настапија Петар Делов, Доне Ѓорѓиевски и Димитар Драскачев. Втор беше „Илинден '90“ од Скопје, додека третото место го освои вториот состав на „Арка-Борец“, со Јованче Андов, Мерт Мехмед и Никола Стојков.

Успешниот настап продолжи и во сениорска конкуренција. Во спринт К1 за мажи, Александар Златаров го освои златото, Благој Гугинов беше втор, а Љубомир Спасиќ трет. Во спринт C1, повторно најдобар беше Златаров, втор заврши Гугинов, а третото место му припадна на Енис Небиовски.

Во тимскиот спринт, победнички беше составот на „Арка-Борец“ со Љубомир Спасиќ, Благој Гугинов и Александар Златаров. Вториот состав на велешкиот клуб, во кој настапија Кристијан Лазаров, Ангел Бонџов и Андреј Апостолов, го освои второто место, додека трет беше „Илинден '90“ од Скопје.

Во дисциплината К1 класик, Благој Гугинов се закити со златниот медал, Љубомир Спасиќ освои сребро, а Александар Златаров бронза.

Во класик тимското натпреварување, првото место го освоија Љубомир Спасиќ, Кристијан Лазаров и Благој Гугинов од „Арка-Борец“. Втор беше составот на „Илинден '90“ од Скопје, а третото место исто така му припадна на скопскиот клуб.

Одличните индивидуални резултати се крунисаа со убедлив триумф во екипниот пласман. Првото место го освои ККК „Арка-Борец“ Велес, втор беше ККК „Илинден '90“ Скопје, а трет ККК „Вила Зора“ Велес.

Со освоените медали и првото место во екипниот пласман, велешкиот клуб уште еднаш го потврди својот квалитет и позицијата меѓу водечките кајак клубови во Македонија.