Вардар е во потрага по нов тренер по разочарувачкиот старт на сезоната, а како главни кандидати за клупата на „црвено-црните“ се споменуваат двајца поранешни македонски селектори – Чеде Јаневски и Благоја Милевски, објави ЕКИПА.
Ангажманот на Фабијани уште од почетокот беше проследен со недоверба кај дел од јавноста, а резултатите дополнително го зголемија притисокот. Вардар експресно ја заврши европската авантура, а потоа следуваше и поразот од Шкендија во големото домашно дерби.
Сега раководството треба брзо да најде решение, а Јаневски и Милевски се добро познати имиња за вардаровата публика.
Чеде Јаневски беше на клупата на Вардар при историскиот пласман во групната фаза од Лигата на Европа. Искусниот стратег има богато меѓународно искуство, а во последните години работеше и во кипарскиот фудбал.
Благоја Милевски, пак, исто така има успешна историја со најтрофејниот македонски клуб. Тој го предводеше Вардар до шампионската титула во 2013 година, а потоа остави белег и како селектор на младата и сениорската репрезентација на Македонија.
Според информациите, Милевски летово имал понуда и од Шкендија, која ја одбил, а евентуалното враќање во Вардар би претставувало ново поглавје во неговата тренерска кариера.
Разговорите околу новиот тренер се очекува да се интензивираат во следните денови бидејќи Вардар нема многу време. Следниот предизвик за „црвено-црните“ е веќе на 15 август, кога ги очекува тешко гостување кај Струга ТЛ.










