Тиквеш и Вардар ги поделија бодовите во последниот натпревар од петтото коло во Првата македонска фудбалска лига, откако вечерва во Кавадарци одиграа 1-1.
Домаќините подобро го започнаа натпреварот и во 21. минута стигнаа до водство преку Камара.
Само четири минути подоцна ситуацијата за Тиквеш значително се промени. Лавал доби директен црвен картон, па кавадаречкиот тим остана со десет фудбалери на теренот.
Вардар ја искористи бројчаната предност до крајот на првото полувреме и преку Омерагиќ стигна до израмнување за 1-1.
Во вториот дел актуелниот шампион имаше фудбалер повеќе, но не успеа да ја пробие одбраната на Тиквеш и да направи целосен пресврт. Кавадарчани успеаја да го зачуваат резултатот и да освојат бод.
По пет одиграни кола, Тиквеш има осум бода и се наоѓа на третото место, додека Вардар е на петтата позиција со седум бода.
На врвот со максимални 15 бода е Шкендија, пред Струга која има 10.










