Фудбалската јавност во Каталонија беше изненадена откако Жоан Лапорта официјално поднесе оставка од функцијата претседател на Барселона, само неколку недели пред одржувањето на претседателските избори во клубот, закажани за 15 март. Иако на прв поглед одлуката делува драматично, причината зад овој потег е строго поврзана со клупските правила и изборната процедура.
Лапорта се повлече од функцијата со цел да може повторно да се кандидира за претседател и да влезе во изборната трка без формални пречки. Според статутите на Барселона, актуелниот претседател и членовите на Управниот одбор мора да поднесат оставка доколку сакаат активно да учествуваат во изборниот процес, со што се обезбедува рамноправност и транспарентност меѓу кандидатите.
По оставката на Лапорта, раководењето со клубот привремено го презеде Рафаел Јусте, досегашниот прв потпретседател. Јусте, кој е долгогодишен соработник и личен пријател на Лапорта уште од детските денови, ќе ја извршува функцијата вршител на должност до 1 јули, кога новоизбраниот претседател официјално ќе стапи на функцијата.
Покрај Лапорта, оставки од своите позиции поднесоа и неколку членови на актуелниот Управен одбор, со истата цел – да можат слободно да се вклучат во изборната кампања, во согласност со клупските прописи. Овој чекор дополнително ја нагласува сериозноста на изборниот процес во редовите на „блауграна“.
Жоан Лапорта, кој има 63 години, повторно дојде на чело на Барселона во 2021 година, откако претходно ја извршуваше претседателската функција во периодот од 2003 до 2010 година. Неговиот прв мандат остана запаметен како еден од најуспешните во историјата на клубот, период во кој Барселона доминираше и на домашната и на европската сцена.
Според каталонските медиуми, Лапорта важи за главен фаворит на претстојните избори, благодарение на силната поддршка меѓу членовите на клубот и неговото долгогодишно искуство во водењето на Барселона. Претседателската трка се очекува да биде внимателно следена, бидејќи исходот ќе има големо влијание врз идниот правец на клубот, како на спортски, така и на финансиски план.

















