Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, се соочува со ново противење за својот предлог поврзан со идното управување со комерцијалните права на Светското првенство, откако и КОНКАКАФ официјално соопшти дека не го поддржува планот.
По состанокот на претставниците на сите 41 национална федерација кои членуваат во конфедерацијата на Северна и Централна Америка и Карибите, беше заклучено дека нема поддршка за идејата да се формира посебна компанија преку која би се продавале удели од комерцијалните права на Мундијалот.
Во образложението на КОНКАКАФ се наведува дека иницијативата не ја поминала предвидената процедура за разгледување, дека времето оставено за донесување одлука било премногу кратко, како и дека не постои финансиска потреба од вклучување приватен капитал по, како што наведуваат, најуспешното Светско првенство во историјата од финансиски аспект.
Со оваа одлука, според информациите, 96 од вкупно 211 членки на ФИФА досега се изјасниле против предлогот, што значително ги намалува шансите тој да добие потребна поддршка.
Од КОНКАКАФ порачаа дека иднината на светскиот фудбал треба да остане под контрола на фудбалските организации, а не да биде пренесена во рацете на приватни инвеститори.









