Ќе има ли Реал двајца Белингам? Џоби на чекор до трансфер од 40 милиони евра
Фудбалерот на Реал Мадрид, Џуд Белингам (21), зад себе има блескава сезона – со „кралскиот клуб“ ја освои и Ла Лига и Лигата на шампионите, а со 36 голови и 26 асистенции на 90 натпревари за Реал, потврди зошто важи за еден од најдобрите фудбалери на денешницата.
Но, Џуд можеби наскоро нема да биде единствениот Белингам на „Сантијаго Бернабеу“. Како што пишува шпанската Марка, Реал сериозно е заинтересиран за неговиот помлад брат – 19-годишниот Џоби Белингам, играч од средниот ред на Сандерленд.
Џоби сезонава има три гола и четири асистенции на 39 натпревари во Чемпионшип, а минатиот месец беше прогласен за најдобар млад играч во лигата. Сандерленд веќе обезбеди место во плејофот за Премиер лигата, а потенцијалната промоција би им донела над 150 милиони евра приходи.
Вредноста на Џоби моментно е проценета на 22 милиони евра, но се шпекулира дека Сандерленд ќе побара најмалку 40. Тоа значи дека младиот Белингам би можел да му донесе на клубот речиси 200 милиони евра – преку плејофот и потенцијален трансфер.
Џоби веќе е дел од младата англиска репрезентација и важи за играч со исклучителен менталитет и посветеност – квалитети кои многу потсетуваат на неговиот брат Џуд. Поранешниот играч на Сандерленд, Мајкл Бриџис, дури изјави: „Неговата иднина е застрашувачка. Некои велат дека може дури и да го надмине Џуд.“