Компанијата Еко Логистик Сервис (ЕЛС) го зацврстува лидерското место на македонскиот пазар на приватни пошти, завршувајќи ја 2024 година со рекорден раст на добивката од 135 проценти и зголемени приходи од 57 проценти. Според податоците од Централниот регистар, оваа скопска компанија, која се етаблираше како најголем приватен поштенски оператор во земјава, остварила вкупни приходи од 3,65 милиони евра, додека расходите изнесувале 3,2 милиони евра.
Таквата финансиска рамнотежа и ефикасно управување со трошоците ѝ овозможиле на ЕЛС да оствари добивка од 396 илјади евра, што претставува повеќе од двојно зголемување во споредба со 2023 година. Во компанијата лани работеле 150 вработени, што ја прави и еден од поголемите работодавачи во логистичкиот сектор.
Иако деталите за уделот на пратките од Тему во вкупниот обем на работа не се објавени, несомнено е дека токму соработката со овој кинески гигант за онлајн трговија била главен двигател на растот. ЕЛС во моментов има најголем удел во транспортот на пратки од Тему на македонскиот пазар, што ѝ овозможува да ја одржи доминацијата меѓу брзите пошти.
Во интервју за подкастот „Бизнис муабети“ на Фактор, сопственикот Игор Гешовски посочи дека приватните пошти во Македонија месечно прават промет од околу два милиони евра, со вкупно 600 до 700 илјади пратки, и просечна цена по пратка од над 2 евра.
Гешовски објасни дека успехот на ЕЛС не се должи само на обемот, туку и на иновативните безбедносни протоколи, како системот за верификација на пратки со сигурносен код кој го добива само примачот. „Курирот не го знае кодот, го генерира нашата централа. Имаме софтвер кој се разликува од другите“, рече тој.
ЕЛС гледа потенцијал за уште поголем раст, особено по најавите дека Тему ќе ја зголеми дозволената вредност на пратките од 22 на 90 евра, што ќе повлече и обврска за ДДВ. Дополнително, најавено е и можноста на влез на уште еден глобален гигант – Шеин, што дополнително ќе ја зајакне потребата од ефикасна и доверлива поштенска мрежа.
И покрај лошата европска позиција на Македонија според ниво на логистички услуги, Еко Логистик Сервис успеа да се наметне како стабилен пазарен лидер, задржувајќи над 50% од уделот на брзата пошта во земјата повеќе години по ред. „Луѓето не одат во продавници – продавниците доаѓаат кај нив. Тоа е новата реалност“, заклучува Гешовски.