Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, вчера учествуваше на 9. Балкански Енергетски самит што се одржува во Атина, под покровителство на Министерството за животна средина и енергија на Грција, Министерството за енергетика на Унгарија и Регулаторната комисија за енергетика на Северна Македонија.
Божиновска беше дел од отворањето на самитот и министерскиот панел посветен на зајакнување на стратешката енергетска соработка на Балканот, заедно со министри и регулатори од целиот регион. Во фокусот на дискусијата беа регионалната енергетска безбедност, забрзаната транзиција кон чисти извори на енергија и заедничкиот одговор на глобалните предизвици, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС).
„Регионалната соработка за нас не е избор, туку стратешка нужност. Денес, повеќе од кога било, Балканот треба да биде обединет во обезбедувањето сигурна, одржлива и зелена енергетска иднина“, порача министерката Божиновска.
Извор: ТртБалкан