OpenAI ја повлече новата верзија на ChatGPT – премногу љубезен, премногу досаден
Најновата верзија на популарниот четбот ChatGPT, GPT-4o, беше повлечена од страна на компанијата OpenAI само неколку дена по нејзиното објавување. Причината? Корисниците се пожалија дека четботот е претерано љубезен, ласкав и дури и – досаден.
Софтверот, кој е дизајниран да користи вештачка интелигенција за олеснување на секојдневната комуникација со компјутерите, покажал „претерана учтивост“, па дури и некритичко фалење на корисниците, без разлика на смислата (или бесмисленоста) на нивните барања.
На социјалните мрежи последниве денови се раширија примери од разговори со новиот GPT-4o, во кои четботот ентузијастички поддржува сѐ – од сосема логични до апсурдни прашања, како на пример: „Дали треба да го гушнам кактусот?“
Многу корисници коментираа дека ваквиот однос од страна на четботот е збунувачки, вештачки и понекогаш дури и непријатен. Очигледно, OpenAI се обидел да креира асистент кој секогаш ќе им се допаѓа на корисниците, но овојпат ја преминал границата.
Извори блиски до компанијата наведуваат дека одлуката да се повлече GPT-4o е делумно мотивирана и од анализа која покажала дека комплиментите генерално имаат позитивен ефект врз корисниците – но оваа верзија едноставно претерала.
Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, преку објава на платформата X (поранешен Twitter), призна дека четботот бил „прељубезен и досаден“. Тој потврди дека верзијата е повлечена и дека веќе се работи на нејзино унапредување.
Во иднина, компанијата планира да воведе повеќе стилови на однесување на четботот, со цел корисниците да можат да изберат комуникациски тон што најмногу им одговара.
ChatGPT, кој за нешто повеќе од две години стана глобален феномен, денес неделно го користат околу 500 милиони активни корисници.