Фудбалската репрезентација на Аргентина се пласираше во финалето на Светското првенство 2026, откако во драматичен полуфинален натпревар во Атланта ја совлада Англија со 2:1.
По мирното прво полувреме без голови, Англичаните поведоа во 55. минута преку Ентони Гордон, кој ја искористи грешката во аргентинската одбрана.
Иако изгледаше дека Англија е на чекор до големото финале, „гаучосите“ направија неверојатен пресврт во самиот финиш. Во 85. минута, Енцо Фернандез со прецизен удар од работ на шеснаесетникот, по асистенција на Лионел Меси, го израмни резултатот.
Во судиското продолжение следуваше нов шок за Англичаните. По нафрлување на Меси, Лаутаро Мартинез со удар со глава ја затресе мрежата и донесе победа од 2:1 за Аргентина.
Со овој триумф, актуелниот светски шампион обезбеди место во големото финале, каде што ќе се соочи со европскиот првак Шпанија. Натпреварот за титулата е закажан за 19 јули, додека Англија и Франција ќе играат за третото место.









