Министерот за спорт, Борко Ристовски, денеска оствари средба со македонската репрезентативка во боди билдинг, Катерина Попева, која се врати со златен медал од Светското првенство што се одржа во Санта Сузана во Шпанија. На средбата присуствуваше и секретарот на Бодибилдинг и фитнес федерацијата на Македонија, Јовче Василевски.
Попева зад себе има исклучително успешна сезона, крунисана со титула светска шампионка во парови на СП и вицешампионка на Светскиот куп во категоријата сениори.
Министерот Ристовски упати честитки и поддршка за македонските спортски репрезенти на најсилните светски натпреварувања истакнувајќи го значењето на ваквите успеси на македонскиот спорт.
- Овие успеси и освоените светски титули се доказ дека трудот, дисциплината и посветеноста секогаш даваат резултат. Спортистите се нашите најголеми амбасадори во светот, тоа е многупати докажано и тоа треба да се почитува. Министерството за спорт ќе продолжи да дава поддршка за сите спортисти кои постигнуваат врвни резултати и достоинствено ја претставуваат Македонија на меѓународната спортска сцена - изјави министерот Ристовски.
Министерството за спорт и понатаму останува посветено на политиките за унапредување на условите за тренинг и развој на врвните спортисти во сите спортски дисциплини.

















