Под мотото „Спортот како национален идентитет и визија за иднината“, денеска во Скопје беше отворен Првиот Регионален спортски самит „Скопје 2025“. Овој настан ја покажува најголемата сила на спортот – да ги обединува луѓето, државите и културите.

Самитот претставува платформа за размена на искуства, градење нови партнерства и заеднички визии за иднината на спортот во регионот. Министерот Борко Ристовски истакна дека преку регионална соработка и поддршка од институциите, спортот ќе стане двигател на здраво, современо и просперитетно општество.

На отворањето присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николовски и легендата на македонскиот фудбал Горан Пандев, кој ги инспирираше присутните со својата блескава кариера.

Првиот панел „Како спортот ја обликува иднината на Балканот: Преку соработка до успех“ ги собра министерот за спорт на Србија Зоран Гајиќ и министерот за спорт и млади на Црна Гора Драгослав Шќекиќ, заедно со Борко Ристовски, со цел да дискутираат за идни успеси преку регионална соработка и заедничка визија за спортот на Балканот.

Министерот Ристовски порача дека оваа средба е почеток на ново поглавје во спортот на Балканот – поглавје водено од фер-плеј, солидарност и почитување, кое ќе заврши со успешни проекти и конкретни резултати.