Во Аргентина повторно се отвори прашањето за иднината на Лионел Меси во националниот тим, откако неговиот соиграч Леандро Паредес изјави дека верува оти капитенот веќе донел одлука за тоа дали ќе продолжи да го носи дресот на репрезентацијата.
Во разговор за „Спорт дејли“, Паредес истакна дека сите во аргентинскиот табор се надеваат дека Меси ќе остане дел од националниот состав, но нагласи дека конечниот избор е исклучиво негов.
„Мислам дека тој веќе ја донел одлуката. Се надевам дека не е така и дека ќе продолжи да игра, но одлуката е негова. Што и да го прави среќен него, ќе нè направи среќни и нас“, изјавил Паредес.
Неговата изјава веднаш поттикна нов бран шпекулации во аргентинските медиуми и меѓу навивачите дека 39-годишната фудбалска легенда можеби веќе го одиграла последниот натпревар за националниот тим.
И покрај бројните гласини, Меси сè уште не се огласил јавно по завршувањето на Светското првенство, па неизвесноста околу неговата репрезентативна иднина останува една од главните теми во аргентинската спортска јавност.










