Диего Диего Марадона уште во 2018 година предупредуваше дека Светското првенство во 2026 година би можело да стане повеќе комерцијален спектакл отколку чист фудбал. Денес, по бројните реакции за паузите за хидратација на натпреварите, неговата изјава повторно се споделува на социјалните мрежи и предизвикува нови дебати меѓу навивачите.
Марадона тогаш јавно се спротивстави на одлуката Мундијалот да се одржи во САД, Канада и Мексико, оценувајќи дека комерцијалните интереси би можеле да имаат преголемо влијание врз играта. Тој тврдеше дека постојат идеи фудбалските натпревари да се приспособуваат на телевизиските преноси и рекламните паузи, што, според него, би го променило духот на спортот.
Во центарот на вниманието сега се паузите за хидратација, кои се воведуваат по еднаш во секое полувреме. Официјално, тие служат за заштита на здравјето на фудбалерите поради високите температури, но дел од јавноста смета дека истовремено овозможуваат дополнителен простор за телевизиски реклами.
Навивачи, аналитичари и спортски коментатори посочуваат дека ваквите прекини го нарушуваат ритамот на натпреварите, особено кога се применуваат и на мечеви каде временските услови не се екстремни.
Со проширениот формат на Светското првенство и значително поголемиот број натпревари, повторно се отвори прашањето дали модерниот фудбал сè повеќе се приспособува на барањата на телевизиските права и спонзорите, наместо исклучиво на самата игра.
Токму поради тоа, изјавата на Марадона повторно е актуелна и за многумина претставува предупредување дека рамнотежата меѓу спортот и бизнисот станува една од најголемите теми во современиот фудбал.








