Македонските млади атлетичари остварија одличен настап на Балканското првенство за атлетичари до 20 години во Крајова, Романија, освојувајќи сребрен медал, поставувајќи два младински национални рекорда и повеќе лични рекорди.
Најголемиот успех го постигна женската штафета на 4×100 метри, која го освои сребрениот медал со време од 48,95 секунди. Во составот настапија Ева Митевска, Тамара Атанасовска, Лина Исени и Марта Димковска, кои го урнаа младинскиот национален рекорд што беше актуелен уште од 1999 година.
Одличен настап имаше и Брајан Авиа, кој во дисциплината скок во далечина постави нов младински национален рекорд со скок од 7,15 метри, подобрувајќи го сопствениот рекорд за четири сантиметри. Со овој резултат го освои шестото место, а во скок во височина се пласираше на петтата позиција со прескокнати 2,04 метри.
Иван Поповски, исто така, го подобри својот личен рекорд во скок во височина, прескокнувајќи 1,91 метар, што му донесе деветто место.
Во спринтот на 100 метри, Ева Митевска истрча нов личен рекорд од 12,40 секунди и заврши на 11-тата позиција, додека Тамара Атанасовска со време од 12,63 секунди, исто така личен рекорд, го освои 13-тото место.
Марта Димковска беше десетта на трката на 400 метри со резултат од 59,84 секунди, а Лина Исени го освои 12-тото место во скок во далечина со скок од 5,23 метри.
Во машка конкуренција на 100 метри, Димитар Корчаковски не успеа да ја заврши трката поради неуспешен старт, додека Марко Алексовски го откажа настапот поради повреда здобиена за време на загревањето.
Македонската репрезентација на Балканското првенство ја предводеа тренерите Ѓорѓи Вучков и Божурка Ѓошевска.








