Зинедин Зидан е многу блиску до преземање на француската репрезентација, но засега тоа сè уште не е официјално потврдено. Според „Le Parisien“, легендарниот Французин постигнал усмен договор со Француската фудбалска федерација за да стане следен селектор на „триколорите“ по Светското првенство во 2026 година. Оваа информација ја пренесоа и повеќе други медиуми, но федерацијата сè уште нема објавено официјално соопштение.
Дополнителни шпекулации предизвика и изјавата на претседателот на ФФФ, Филип Дијало, кој кажа дека веќе знае кој ќе биде следниот селектор на Франција. Сепак, според извештаите, името нема да биде јавно соопштено пред настапот на Франција на Мундијалот, за да не се наруши подготовката на актуелниот селектор Дидие Дешан.
Познато е дека Дешан уште во јануари 2025 година потврди дека ќе ја напушти функцијата по Светското првенство во 2026 година, па прашањето за негов наследник веќе подолго време е една од главните теми во францускиот фудбал. Зидан со години важеше за најпосакувано решение, особено по неговите успеси со Реал Мадрид, каде освои три титули во Лигата на шампионите како тренер.
Затоа, иако засега нема официјална потврда, сè поизвесно е дека Франција се подготвува за една голема промена на клупата по крајот на Мундијалот.
🔽 ОД ДЕНЕС СЛУШАЈ ЈА ТВОЈАТА ОМИЛЕНА РАДИО СТАНИЦА НА ПРВ.МК 🔽



















