ПРВ.мк
Спорт

По 16 години повторно на Бернабеу: Пандев дел од голем фудбалски спектакл!

По 16 години повторно на Бернабеу: Пандев дел од голем фудбалски спектакл!

Македонската фудбалска легенда Горан Пандев повторно ќе настапи на култниот стадион „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид. Нашиот најтрофеен фудбалер доби покана да биде дел од големиот хуманитарен натпревар меѓу легендите на Интер и Реал Мадрид, кој ќе се одигра на 13 јуни.

Станува збор за традиционалниот „Корасон Класик Меч“, на кој ветераните на двата европски гиганти повторно ќе ги одмерат силите пред илјадници навивачи.

Во составот на Интер, покрај Пандев, ќе настапат и бројни легендарни фудбалери како Хавиер Занети, Естебан Камбиасо, Антонио Кандрева, Мајкон, Лусио, Џампаоло Пацини, Родриго Паласио и Давид Суазо. Тимот ќе го предводи клупската икона Џузепе Бергоми, а дел од експедицијата ќе биде и поранешниот голман Франческо Толдо.

За Пандев ова ќе биде посебно враќање на стадионот каде што во 2010 година ја освои титулата во Лигата на шампионите со Интер, како дел од историската генерација предводена од Жозе Мурињо.

Македонскиот ас уште еднаш ќе има можност да ги потсети фудбалските фанови на својата класа, овојпат во друштво на некои од најголемите имиња во историјата на европскиот фудбал.