Велес доби нова современа атлетска патека реконструирана според највисоките ИААФ стандарди, проект кој денеска беше пуштен во употреба од министерот за спорт Борко Ристовски, заедно со градоначалникот на Велес, Марко Колев, и најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски.

Министерот Ристовски истакна дека ова не е само инфраструктурен проект, туку исполнување на обврската кон генерациите велешки спортисти кои со години тренирале во несоодветни услови. Со реконструкцијата конечно се става крај на долгогодишните барања на спортистите и спортските работници за модернизирање на овој значаен спортски објект.

Министерството за спорт инвестираше 19,3 милиони денари за целосна реконструкција на патеката, која сега располага со нов тартан со ИААФ сертификат, 4.700 квадратни метри современа спортска подлога, шест ленти на кружната патека и осум ленти на спринтерската делница.

Новата патека создава услови за тренинг и натпреварување во сите атлетски дисциплини според меѓународни стандарди. Ова е втора атлетска патека изградена во изминатиот период, по онаа во Гевгелија, во рамки на програмата на Министерството за спорт за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура.
Во изминатите две години, преку оваа програма се реализирани над 70 инфраструктурни проекти низ целата држава. Министерот Ристовски порача дека вложувањата продолжуваат, бидејќи македонските спортисти заслужуваат современи услови за работа, напредок и нови успеси.









